Со измените на Законот за социјалната заштита воведуваме дополнителни 1.000 денари помош за семејствата што добиваат гарантирана минимална помош, порача пратеничката на СДСМ, Санела Шкриељ, на денешната седница на Собранието.
Шкриељ истакна дека овие измени се дел од мерките што имаат цел да им помогнат на граѓаните полесно да се справат со економските последици од глобалната криза.
„Семејствата што се корисници на гарантираната минималната помош за следните три месеци ќе добијат по дополнителни 1.000 денари на своите сметки со цел да им се помогне полесно да ги надминат последиците од економската криза. Ова е дел од мерките, меѓу кои се и укинувањето на ДДВ за основните продукти, субвенционирање на сметките за електрична енергија, а преку кои го штитиме стандардот на граѓаните. Да не заборавиме и дека минималната плата веќе од овој месец изнесува 18.000 денари“, посочи Шкриељ.