Домаќинствата кои живеат на излезот од Василево кон Пиперево ќе може да се приклучат на Крак 3 од фекалната канализација на општинскиот центар што го изгради општината. Кракот е веќе ставен во функција, а на него може да се приклучат 100-тина домаќинства откако ќе склучат Договор со ЈПКД Комуналец.
„Ако до пред две години во Василево немаше изградено ниту еден метар фекална канализација, денес заврши изградбата на крак К3 и тоа во ситуација кога општината е во најтешката финансиска состојба од своето постоење. Секој метар фекална канализација во Василево е долгоочекуван и неопходен за секојдневното живеење на граѓаните. Но овде не застануваме, оваа година ќе започне да се гради и нов крак од фекална канализација во населеното место Василево“, објави градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов.
Должината на овој крак изнесува 478 метри, а вкупниот буџет за реализација е околу 1.800.000 денари од кои околу 1.000.000 ден се од општинската каса и 700.000 денари обезбедени од Министерството за транспорт и врски преку Програмата за поддршка на имплементацијата на Декадата и стратегијата за Ромите за 2023 година.