Досега нема пријавен ниту еден случај на трихинела кај домашни свињи кои се испитуваат во кланица што значи дека ова месо е безбедно. Покрај редовната контрола кај домашните свињи кои се колат во кланица присуството на трихинела се испитува и кај дивите свињи кај кои во 2018 година беа потврдени 9 случаи во ловната сезона 2018/2019 година. Оваа болест на крајот на мината година беше раширена во повеќе земји во регионот, а во Србија имаше случаи и на заразени домашни свињи од трихинелоза.
Трихинелоза е болест која се развива во човечкото тело како резултат на воведувањето на паразитски ларви на трихинела. Луѓето се заразуваат со ларви трихинела со јадење на заразено месо од домашни и диви животни. Првите симптоми на трихинелоза се гастроинтестинални, обично се случуваат 1-2 дена откако едно лице се инфицира обично со сирово или недоволно третирано месо од животно инфицирано со трихинела. Класичните трихинелозни симптоми често се јавуваат во рок од 2 недели по јадење на контаминирано месо и може да траат до 8 недели при што може да се појават мускулна болка, треска, оток на лицето, слабост или замор, главоболка, чешање на кожата или исипување, кашлица, дијареја.