Документарниот филм Лука во продукција на Здружение за култура Транзен и во режија на Ице Виранов е селектиран да учествува на Филмски музички фестивал во Јужна Кореја.
Филмот претходно учествуваше на фестивалот за креативен документарен филм Македокс и ја освои специјалната награда за „придонес во разоткривањето на ефектите од алтернативниот уметнички креативен пристап наспроти конвенционалниот живот“, на 18. Интернационален филмски фестивал Астерфест.
ЛУКА го прикажува животот на група млади музичари од Струмица, кои во кризни времиња за опстојување на алтернативната културна сцена, се борат да најдат начини за израз на својата музичка креативност и иновативност. Во времиња на бесконечна општествена транзиција, младите уметници се принудени да бараат алтернативни патишта за творење и презентирање на својата авторска уметност, а истовремено му пркосат на потрошувачкиот свет во кој владее „Тезгата“ како евтин и брз начин на практицирање култура, свет кој има негативно и погубно влијание врз развојот на автентичната и чиста авторска креација.