• Sat. Nov 23rd, 2024

Доделени наградите за 18-тиот Интернационален филмски фестивал „Астерфест“

ByЃ. K.

Aug 8, 2023

Најдобар филм на 18.издание на Филмскиот фестивал „Астерфест“ е „Ивалу“ на авторите Андерс Валтер и Пипалук К. Јоргенсен од Данска, кој го доби фестивалското гран при – Златната потковица.

Сребрената потоковица ја доби филмот „Еж“ на авторот Д. Митри од САД, а бронзената му е доделена на „Штипење“ на авторките Еми Патмор и Ана Дворжак од Австралија.

Наградата „Ѓорѓи Абаџиев“ за сценарио ја доби авторката Александра Кардалевска за македонскиот филм „Сценарио“, а наградата „Ацо Алексов“ за режија на авторот Дејан Ангелов за филмот „Задача“.

Одлуките за наградите едногласно ги донесе жирито во состав Гоце Ристовски, писател и универзитетски професор, д-р Дрита М. Фазлија, филмски продуцент и универзитетски професор и Мили Чумиќ, филмски продуцент и дистрибутер од Велика Британија.

Награда за филм од македонска продукција е доделена на „Звукот на тишината“ на Анастасија Лазарова Пилинг, а награда за студентски филм доби „Новиот почеток“ на Тања Симоновска.

Специјална награда за современ третман на традиционалните семејни вредности доби филмот „Ирско збогување“ на авторите Том Беркли и Рос Вајт од Велика Британија.

Специјална награда за инвентивен ведар пристап на теми што говорат за глобалната состојба на психоза во современиот свет доби македонскиот филм „Тале и Корона“ на Томислав Алексов, а специјална награда за придонес во разоткривањето на ефектите од алтернативниот уметнички креативен пристап наспроти конвенционалниот живот му е доделена на македонскиот филм „Лука“ на авторот Ице Виранов.

По доделувањето на наградите, беше прикажан филмот „Сонцето не грее на сите страни“ на Глигор Кондовски.

Фестивалот продолжи со проекцијата на реставрираната верзија на долгометражниот игран филм „Планината на гневот“ во знак на 5-годишнината од смртта на Љубиша Георгиевски и 55 години од продукцијата на филмот, со Ристо Шишков во главната улога.

Годинашново издание на „Астерфест“ заврши со проекцијата на унгарскиот шеесетминутен „Звучен кафез“ на Корнел Силаги (Игор Бухаров), во чест на лауреатката Каталин Ладик, во повремена придружба на Георги Трајков со акустична гитара.

By Ѓ. K.