По повод започнувањето на изборната кампања, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) повторно им укажува на министерствата, единиците на локалната самоуправа, фондовите, агенциите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторни тела, трговски друштва основани од државата и други институции основани од државата на нивната обврска за доследно почитување и примена на одредбите на членовите 8-а и 8-б од Изборниот законик, како и член 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, а се однесуваат на ограничувања и забрани на одредени активности во изборен период.
ДКСК во денешното соопштение потсетува дека од денот на донесувањето на одлуката за распишување на изборите до завршување на изборот на пратеници во Собранието и изборот на Владата согласно со резултатите од изборите, не може да се започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.
– Не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се
потпишуваат колективни договори. Не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки
се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи, се појаснува во соопштението од ДКСК.
Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборна кампања па до завршување на изборот на пратеници во Собранието и изборот на Владата, се наведува, не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти.
Од ДКСК прецизираат дека под забрана за одржување јавни настани не се подразбира, особено давање јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.
За потребите на изборната кампања, предупредуваат од ДКСК, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста.