Денес градоначалникот Костадин Костадинов присуствуваше на свеченоста по повод годишнината од предавањето во употреба на детската градинка „Виножито“. Станува збор за еден од најголемите капитални проекти во општината, со кој Струмица доби нова детска градинка по цели 40 години.
На првиот роденден на „Виножито“ зборуваше директорката Софија Димитриева, а во своето обраќање пред присутните градоначалникот Костадинов меѓу другото истакна:
„Денес, една година од предавањето во употреба на Детската градинка „Виножито“, вреди да се направи една мала компарација на бројки која го отсликува нејзиниот евидентен растеж. На самиот почеток во градинката беа згрижени 124 деца во вкупно 6 воспитни групи, а за работните обврски и задачи беа задолжени 26 вработени. Денес тие бројки се драстично поголеми, така што тие изнесуваат: 294 згрижени деца во 11 воспитни групи и вкупно 44 вработени. Зарем треба било што друго да се додаде, освен да се каже дека сите сме горди со она што денес значи „Виножито“.
На свеченоста дечињата од „Виножито“ изведоа пригодна програма во чест на роденденот.