Народната банка во текот на претстојната седмица ќе реализира повеќе активности во насока на чествување на триесет и една година од монетарната самостојност, односно воведувањето на денарот како национална валута и осамостојувањето на Народната банка, под мотото „Денарот го славиме!“.
Прогласувањето на монетарната самостојност на 26 април е значаен настан за нашата држава, а воедно и значаен чекор во заокружувањето на нејзината независност. Низ годините Народната банка се градеше и се воспостави како современа, кредибилна и меѓународно призната, независна централна банка, но и како институција којашто ја поттикнува научната мисла и работа, постојаната едукација и финансиска писменост. Оттаму, во рамките на неделата на чествување ќе биде доделена и Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, соопшти НБ.
За патот на креацијата и воспоставувањето на македонските книжни пари, се изработени два едукативни видеозаписа од страна на вработени во Музејот на Народната банка, Маја Хаџиманева, Ефтимија Павловска и Дијана Ванчевска. Видеозаписите, покрај тоа што ќе бидат објавени, ќе бидат доставени и до училиштата ширум земјата за да послужат во натамошниот едукативен процес за нашата историја и валута.