Портпаролот на грчката влада, Стелиос Пекас, рече дека на граѓаните што имаат грчко државјанство, како и на оние што имаат дозвола за престој во Грција, ќе им биде дозволено да влезат и да ја напуштат земјата на само шест копнени премини од 22 јули до 4 август.
Поради зголемениот број транзити на копнените граници, но и поради зголемениот број позитивни случаи на заразени со коронавирус, кои се утврдуваат на граничните премини, грчката влада, со одлука на премиерот Киријакос Мицотакис, ги заострува мерките на копнените граници од 22 јули до 4 август, кои се однесуваат на Грците и на граѓаните што имаат дозвола за престој во земјата.
– Освен постојната одлука за грчко-бугарскиот премин Промахонас-Кулата, од 22 јули до 4 август влез на грчка територија за итни случаи ќе биде дозволен само на граничните премини Какаваис, Кристалопигис, Евзони, Промахонас, Нимфеас и Кипи – рече тој.
Пекас додаде дека и грчките граѓани и оние што имаат дозвола за престој ќе треба да пополнат посебен образец (ПЛФ).
Што се однесува до сезонските работници во полјоделството, Пекас истакна дека во случај да ја напуштат Грција пред 4 август, нема да имаат право повторно да се вратат.
Досега грчките граѓани можеа да влезат и да излезат на сите гранични премини без никаква контрола, а градоначалниците на пограничните градови ги советуваа Грците да избегнуваат да патуваат во соседните земји, особено во нашата земја.
– Нагласуваме дека вирусот ковид-19 е тука и им порачуваме на сите грчки граѓани да избегнуваат непотребни движења во епидемиолошки оптоварените области, како што се оние на Балканот сега – рече Пекас.
Тој додаде дека Грција ќе остане здравствено безбедна земја и дека грчката влада ќе преземе дополнителни мерки доколку е потребно.
извор: Нова Македонија