Бројот на бегалците и имигрантите во Грција достигна 32.000, од кои 6.857 на островите и 25.000 во континенталниот дел од земјата, изјави во четвртокот помошникот министер за одбрана Димитрес Вицас, а министерот за заштита на граѓаните Никос Тоскас предупреди дека бегалците кои стигнуваат во земјата не сакаат да останат во прифатните центри туку „итаат“ на границата со Македонија надевајќи се дека „што побрзо ќе минат“ кон северот на Европа.
„На островите во Егејското Море во моментов се наоѓаат 6.857 мигранти кои пристигнаа од турското крајбрежје, а во континенталниот дел ги има речиси 25.000“, изјави помошникот министер за одбрана Димитрес Вицас. Истакна дека ситуацијата е многу сериозна на северната граница меѓу Грција и Македонија, каде на премин на граничната линија и пат кон северна Европа чекаат повеќе од 11.500 луѓе.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас во петок би требало да го објави деталниот план на својата влада за управување со мигрантската криза, откако ќе се сретне со челниците на сите политички партии. Грција последните десет дена успеала да обезбеди за мигрантите 10.000 места во центрите за нивно прифаќање, а секој ден прехранува илјадници луѓе, објави владата.
„Постои голем проблем, ситуацијата е многу тешка: тие луѓе се очајни и се обидуваат на сите начини да ја минат грчко-македонската граница и да тргнат кон северот на Европа, изјави министерот за заштита на граѓаните Никос Тоскас за јавната телевизија Ert.
Иако грчката влада го „покрена целиот државен систем, војската и локалната управа“ и „отвори бројни прифатни центри на северот, во другите делови од земјата и близу Атина“, бегалците „итаат кон Идомени за да влезат во Македонија“, додаде.
Илјадниците имигранти чекаат на грчката страна од границата во надеж дека ќе ја минат, откако Македонија почна да пропушта по неколку стотина дневно, заштитувајќи се од сличните одлуки кои претходеа од страна на некои земји од ткн балканска рута и земји членки на Европската унија.
„Тие луѓе сé уште не се свесни дека границите всушност се затворени“, изјави Тоскас потсетувајќи дека од вторникот само на 600-ини лица им е одобрено преминувањето на границата. Истовремено, „Турција продолжува да испраќа имигранти, повеќе од 2.200 луѓе пристигнаа на грчките острови последните 24 часа“, се пожали Тоскас.