Задоцнетата испорака на фактурите по разни основи на граѓаните кои избирале да ги добиваат во хартиена форма ги чини дополнителен износ на сметките поради плаќање камата, како и трошење време за административни процедури за „поправање” на состојбата. Решение за тој хроничен проблем според компаниите и регулаторите е зголемена информираност на граѓаните за опциите што им се на раслогање и користење онлајн услуги.
За испораката на фактурите преку поштенско сандаче секоја компанија има посебен пристап, преку сопствени инкасанти или преку националната Пошта, како носител на универзалната услуга со монополска позиција во испораката на тој тип услуги.
Од телекомуникацискиот оператор А1 Македонија велат дека редовно ги пријавуават поплаките за доставата на фактурите.
„Поплаките т.е. приговорите за проблемите поврзани со достава на фактурите во печатена форма се пријавуваат редовно до давателот на услуги за достава – Пошта на Северна Македонија електронски по договорен канал“, велат од А1 Македонија.
Опциите за достава на месечните фактури за комуникациски услуги до корисниците на А1 Македонија се во хартиена форма или електронски. Доставата на фактурите до корисниците не се наплаќа т.е. е бесплатна. Електронските фактури се достапни до крајните корисници по електронска пошта или со бесплатно преземање преку активен линк, кој им се испраќа по пат на СМС.
Од ЕВН Македонија посочуваат дека долги години промовираат многубројни онлајн услуги наменети за корисниците, од што дел е и електронската достава на фактурите.
„На страницата evnonline.mk на многу брз и едноставен начин корисниците може да се регистрираат за добивање на фактурите за електрична енергија по електронски пат или да креираат кориснички профил „Мој ЕВН Хоме” и во секое време да бидат во можност да преземат фактури. Со овие услуги фактурите ќе ги добиваат навремено и ќе го избегнуваат моментот на нивното недобивање“, велат од ЕВН Македонија.