Со полабави мерки во однос на лани граѓаните ќе ја испратат старата 2021, а ќе ја дочекаат новата 2022 година.
Овој 31 декември и покрај тоа што пандемијата предизвикана од Ковид-19 е се уште присутна, граѓаните се организираат да ја прослават Новата година на плоштадите, во туристичките центри, во кафеаните, рестораните, пабовите, за разлика од лани кога состојбата со вирусот поттикна воведување на рестриктивни мерки и забрани.
Некои земји, сепак, забранија прослави на отворено, го откажаа дочекот на Новата година и воведоа рестрикции
Годинава китењето во главниот град почна со задоцнување. Од минатата недела на скопскиот плоштад може да се забележат неколку новогодишни украси кои за првпат не го чинат Градот Скопје, туку се на грбот на општествено одговорни компании. На самиот плоштад се поставени и новогодишните куќички на населбата „Винтерленд“.
Средствата, пак, кои биле планирани за новогодишната прослава, ќе се пренаменат за социјално ранливи категории. Неодамна, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска изјави дека тие средства е подобро да се дадат на оние кои немаат ниту за храна во овие денови.
– Градот нема да биде тажен. Нова година ќе се прослави, но на скромен начин, без тоа да го чини Градот 250 илјади евра, рече Арсовска.
извор:https://press24.mk/gragjanite-vecherva-kje-ja-dochekaat-novata-2022-godina-so-polabavi-merki-od-lani