• Sat. Nov 23rd, 2024

Градоначалникот Костадинов зборуваше на завршната конференција на проектот „Со Локални совети за превенција кон подобрена соработка“

ByЃ. K.

Oct 25, 2023

Градоначалникот Костадин Костадинов денеска ја имаше честа да зборува за работата на Локалниот совет за превенција на општина Струмица на завршната конференција на проектот „Со Локални совети за превенција кон подобрена соработка“ во организација на Центарот за европски стратегии Евротинк.

Во своето обраќање пред учесниците на конференцијата, меѓу кои беше и Н.Е Ерик Мејер Заменик шеф на мисија во Амбасадата на САД во Македонија, градоначалникот Костадинов потенцираше дека ставањето во функција на Локалниот совет за превенција било најдоброто нешто што можел да го направи за Струмица и струмичани.

-Исклучително сум горд што сум градоначалник на општина чиј Локален совет за превенција стана препознатлива алатка во решавањето и превенирањето на проблемите на граѓаните во локалната заедница, не само во државата, туку и надвор од неа. Токму, успешното функционирање на Локалниот совет за превенција ни го обезбеди и членството во Мрежата на силни градови со што им се придруживме на повеќе од 210 градови и општини ширум светот.

Како млад човек и градоначалник кој си ја познава и сака својата општина, си ги сака и почитува своите сограѓани, уште во предизборната кампања и подоцна со преземањето на градоначалничката функција, си ветив себеси и на моите струмичани дека ќе им служам, а тоа значи дека нема да ги одложувам и игнорирам проблемите со коишто се соочуваат, туку ќе ги решавам, заедно со советниците, општинската администрација и јавните претпријатија. Но, се покажа дека е потребна соработка и со државните институции за да се добијат соодветни и ефикасни решенија на проблемите кои со години не можеа да се решат. Ставањето во функција на Локалниот совет за превенција беше најдоброто нешто што можев да го направам за мојата општина и за моите струмичани. Со силна желба и координирана работа на сите партнери во Советот, решивме и решаваме многу проблеми кои со години постоеја и изгледаа нерешливи, рече градоначалникот Костадинов.

By Ѓ. K.