Симболот на Струмица – „Цареви Кули“, Манастирот „Света Богородица Елеуса“ (Милостива) во Вељуса, водочкиот манастирски комплекс „Свети Леонтиј“, струмичкиот комплекс цркви „Свети петнаесет тивериополски свештеномаченици“, Римската терма во Бања Банско и струмичката „Орта Џамија“ се само дел од пребогатата ризница од многувековни споменици на културата во општина Струмица.
Ретки се градовите и општините во државата кои располагаат со такво грандиозно културно наследство, како што е нашата Струмица. Треба да сме горди на она што го имаме и да го чуваме како зениците во нашите очи, затоа што секој споменик на културата е историја, богатство и аманет од нашите предци.
„На сите вработени во НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј“ – Струмица, но и на сите граѓани кои ја љубат материјалната оставнина од минатото, им го честитам 18 Април – Светскиот ден на културното наследство“, напиша градоначалникот Костадинов на својот фејсбук профил.