Градоначалникот Костадин Костадинов ги прифати барањата на синдикатите и вчера го стави својот потпис на Колективниот договор со кој се уредуваат правата, обврските и одговорностите во врска со работниот однос на вработените во општина Струмица. Договорот предвидува и зголемување на платите на сите вработени во Општина Струмица, како и на вработените во сите јавни претпријатија чиј основач е Општина Струмица, и тоа за 2.806 денари во нето износ.
На чинот на потпишување на колективниот договор му претходеше средба на градоначалникот Костадинов со претседателот на ССМ (СУТКОЗ), Дарко Димовски, претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, претседателите на синдикалните организации во Општина Струмица и јавните претпријатија.
Со прифаќањето на синдикалните барања и потпишувањето на Колективниот договор и неопходните спогодби, градоначалникот Костадин Костадинов покажа на најдобар можен начин дека е на страната на вработените во Општината и во општинските јавни претпријатија, задоволувајќи ги нивните потреби во услови на економска и енергетска криза, инфлација и енормно зголемување на трошоците за живот. Со тоа Општина Струмица и овојпат стана урнек и за другите Општини во државата.