„Градиме мостови„ е проектот кој ги спои учениците од различна етничка припадност од СОУ „Никола Карев„ и ООУ„Маршал Тито„ од Струмица. Повеќе од три месеци учениците од овие училишта интензивно соработуваат и на тој начин го градат Мостот на довербата. Во проектот кој има за цел да ја зголеми меѓуетничката интеракција, разбирање и интеграција во училиштата, беа вклучени 110 ученика од двете училишта. Тие аплицираа и добија грант, а активноста беше изработка на групна маска и учество на карневалската манифестација во Струмица. „Јин и Јанг„ беше насловена нивната маска, која им ја донесе првата награда во категорија А, групна маска со 50 и повеќе лица. 90 ученика од техничкото средно училиште и 20 ученика од турска националност од училиштето „Маршал Тито„,активно беа вклучени во целокупниот процес на реализација на маската.
Пред почетокот на главната карневалска вечер во посета на училиштето „Никола Карев“ беше Н.E Вилем Воутер Пломп, Амбасадор во Амбасадата на Кралството Холандија. Фондот Градиме мостови, воспоставен во 2014 година, претставува едноставен и лесен начин за пристап до фондови за повеќејазични или партнерски еднојазични училишта и градинки, како и за општини, кои сакаат да имплементираат активности насочени кон унапредување на интеграцијата на децата и учениците со различни наставни јазици. Тој е воспоставен преку заедничка заложба на Министерството за образование и наука, Владата на Швајцарија и ОБСЕ Мисијата во Скопје, а подоцна поддржан и од Владата на Ирска. Во моментот, Амбасадата на Кралството Холандија, Владите на Австрија и Соединетите Американски Држави, како и ОБСЕ Мисијата во Скопје активно придонесуваат кон Фондот.