Голем број гевгеличани, како и гости од другите градови, ја дочекаа Новата 2024 година на Градскиот плоштад во Гевгелија. Општина Гевгелија, трета година по ред, организираше новогодишен дочек со богата културно- забавна програма, во којашто учество зедоа, пред се, локални музички групи и уметници. За новогодишната забава и веселиот новогодишен амбиент на Градскиот плоштад во Гевгелија, се погрижија играорците на КУД „Танец“ од Миравци со изведба на македонски традиционални ора, „Лајф бенд“, Оливера Станковска, триото „Хитс“ – во состав на Моки, Марија и Крџе и популарниот Дејан Малзарков со stand up комедија – Diverzija.
Бројните гости на преполнетиот Градски плоштад, Новата година ја дочекаа со настапот на Ристо Самарџиев и неговите пријатели, како и со спектакуларен огномет. Притоа, си посакаа здравје, среќа и благосостојба, не криејќи го задоволството поради прекрасниот заеднички новогодишен дочек.
Новогодишната ноќ во Гевгелија помина во најдобар ред, без инциденти и интервенции од страна на надлежните служби за одржување на јавниот ред и мир.