Експертите на Европската Унија заклучија дека сегашните вакцини против коронавирусот се ефикасни против новиот сој откриен во Британија, објави германската влада.
Според сè што во моментов знаеме и по расправата на европските експерти, новиот сој не влијае на вакцините и тие остануваат ефикасни“, изјави германскиот министер за здравство Јенс Шпан.
„Тоа се многу добри вести“, додаде на државната телевизија ЗДФ министерот чија земја претседава со Европската Унија.
Особено зборуваше за ефикасноста на вакцината на Бајонтек/Фајзер, која веќе се применува во неколку земји во светот и која наскоро треба да добие одобрение од Европската агенција за лекови.
Состанокот на експертите од земјите од ЕУ на таа тема беше одржан вчера, изјави портпаролот на министерството.
Мутацијата на вирусот е откриена во Британија и повеќе европски земји реагираа со сопирање на летовите од таа земја. Лондон исто така најави строги ограничувања на движењето во некои делови од земјата.
Лондон објави дека новиот сој на коронавирусот се шири за 70 отсто побрзо од претходниот.