Општина Гевгелија ќе аплицира на јавниот повик за изработка на техничка документација што го објавија Министерството за локална самоуправа и УНДП со проектот за изработка на Студија за секундарна гасификациона мрежа. Оваа одлука Советот на општина Гевгелија ја донесе на последната 36.седница. Изработката на проектно-техничка документација за секундарна гасификациона мрежа во општина Гевгелија се наметна по средбата со претставниците на Националното биро за гасификација, кое во рамките на националната програма за приклучување на општините Гевгелија, Богданци и Демир Капија на јужниот крак од соседна Грција, веќе изработува проект за примарна гасификација, односно донесување на гасот до примарната станицакај Гевгелија. Наша обврска е да изработиме проект за секундарната мрежа поради што и се одлучивме да аплицираме со овој проект, информираше градоначалникот Сашо Поцков на седницата на Советот на општината.
Советниците, исто така, донесоа одлука за кофинансирање на проектите за изградба на водоводна мрежа во станбената населба Караорман и на атмосферска канализација на улица Индустриска во Гевгелија. И двата проекти се реализираат со грантови од Проектот за подобрување на општинските услуги МСИП за успешно реализираните проекти за изградба на нов водоснабдителен систем и доградба на училниците во СОУ„Јосиф Јосифовски“, за кои беа користени заеми од Светска банка. Изградбата на водоводната мрежа во населбата Караорман ќе чини 4.173.571 денари, а општина Гевгелија треба да обезбеди 327.605 денари. За изградба на атмосферска канализација на улица Индустриска на тендерот е постигната цена од 1.735.016 денари, од кои општината треба да обезбеди 1.293.230 денари. Изградбата и на двата проекти наскоро започнува.