Детските градинки во Општина Гевгелија, денес, повторно ги отворија вратите и ги примија децата почитувајќи ги заштитните мерки и протоколи. Во ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија беа направени сите неопходни подготовки за отпочнување со работа. Согласно протоколите, формирани се групите на деца со намален број и тоа, во групите за јасли до 6 деца и во групите за градинка до 15 деца. За таа цел, беше извршено прегрупирање на децата во групите со цел да се запази оваа бројка за што родителите потпишаа соодветни изјави.
Во градинките во Општина Гевгелија се создадени услови за 440 дечиња, согласно просторните и условите пропишани со протоколите. Станува збор за деца на самохрани вработени родители и деца на коишто двајцата родители се на работа, без можност за работа од дома. Родителите тоа го потврдија со потврди од нивните работодавачи за работните места кои ги обавуваат. При приемот на децата, на сите вработени, родителите кои ги донесоа децата и на самите деца од страна на вработените им беше измерена температура.
– Сите деца на најбезбеден начин беа примени, а тие не ја криеја својата радост што повторно се во градинките. Во трите градинки во Гевгелија, каде што се згрижуваат најголем број од децата, строго според протоколите, започнавме со редовните активности. Помал број родители по комплетирањето на документацијата до крајот на неделата ќе ги донесат децата, така што во сите шест градинки се работи нормално, се разбира, според протоколите, вели директорката на ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија, Елизабета Стефановска, по обиколката на гевгелиските детски градинки. Притоа, појаснува дека во договор со Центарот за здравје- ПЕ Гевгелија родителите на децата кои биле на годишен одмор во странство, најпрво, треба да остварат средба со епидемиолозите, а дури потоа да ги однесат децата во градинките.
Според градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, повторното отворање на градинките и приемот на децата за згрижување, потврдува дека детската установа е подготвена за работа на градинките и во услови на пандемијата со Ковид- 19.
– Изминатиов период во сите шест градинки, во составот на ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија реализирани се повеќе активности за санација, реконструкција и доопремување на шесте објекти. Набавен е нов мебел со што значително се подобрени условите за престој на децата. Минатата година беа извршени поголеми инвестициони зафати, поточно, во Централната детска градинка во Гевгелија и во детската градинка во Негорци беше извршена целосна замена на столаријата, за што детската градинка издвои 7,3 милиони денари сопствени средства. Исто така, во Централната градинка, како и во градинките „Сончогледи“ и „Цветови“ комплетно беа реновирани тоалетите, а во сите детски градинки извршено е опремување и климатизирање на сите простории, вели Поцков.