Како дел од програмата на Струмица Опен Фест, струмичката публика во сабота, 22 јули 2023 година, со почеток во 20:30 часот во Градската уметничка галерија на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица ќе има прилика да присуствува на промоцијата на книгата „Раскази од минатиот век“ од роднокрајната авторка Виолета Танчева-Златева.
На оваа невообичаена и интерактивна промоција модераторка ќе биде Сузана Мицева, промоторка д-р Ана Витанова Рингачева, а истата е замислена како интимен и непосреден разговор меѓу организатор(к)ите, публиката и авторката.
Елизабета Баковска пишува: Збирката „Раскази од минатиот век“ (издание на Три, 2022) на Виолета Танчева-Златева, како што напиша и самата авторка во најавата на социјалните мрежи, доаѓа 14 години по нејзината последна прозна книга (роман за деца) и по 8 поетски книги. Таа содржи 30 раскази, уредно и систематизирано, речиси симетрично, подредени и поделени на еден пролог, четири групи по седум раскази и еден епилог. Секоја од четирите групи, пак, има свој наслов: првата е „Меѓу сонот и јавето“, втората „Лица и наличја“, третата „По нишките на детството, а четвртата „Егзистенцијалистички“.
„Во Расказите од минатиот век“ Виолета Танчева-Златева ја брише границата меѓу умот и заумот, меѓу стварноста и фантазијата, меѓу светот на секојдневието и светот на очудувањето, меѓу сонот и јавето, меѓу класичниот и магичниот реализам. Иако пишувани „во минатиот век“, овие раскази се интуитивна проекција на новиот век, небаре минатото ја посматра иднината со очите на сегашноста, а погледот се менува во дијалогот со себеси, па имаме раскази и со морбиден, но и со меланхоличен призвук, и со рурален но и со урбан амбиент, и со исповеден но и со премолчен тон, и со цврсти, конкретни факти, но и со раскошно измислени случки, поставувајќи го егзистенцијално-поетичкото прашање „Колку треба да се премолчи, а сепак да се каже потребното?“ – ќе напише Лидија Димковска за оваа нејзино остварување.
________________________
Извадок:
…Запотените прстиња на детето спокојно се поместија во мојата растреперена дланка. Но тоа не покажуваше ни најмал знак на вознемиреност. Ниту, пак, можев да насетам дека има намера да ме пушти. Да ги отпетла своите прстиња од моите, да ми се заблагодари или да каже што и да е, па да ме пушти да си го продолжам патот што ми го пресече во автобусот, со својот жаловен поглед и со беспомошното гласче. Всушност, не се ни сеќавам дека прозборе нешто. Јас прашував и му ги сугерирав одговорите што ми ги потврдуваше или ги негираше со своето русо главче. „Каде одиш? Дома? Се изгуби? Мајка ти излезе на претходната станица? А ти остана заглавено меѓу луѓето и не стигна до вратата?…“ Само ме фати за рака кога слеговме на следната станица и ме поведе. Оддалечувајќи се од булеварот, дури и се израдував од сокачињата со надвиснати дрвја како во мојот роден град – далечни и заборавени нешта во развревеното и метежно срце на градиштето што веќе десетина години се обидував да го сметам за свој дом. Скалите по кои се искачивме во куќата беа дрвени, нагниени и расклатени. Но ништо од тоа не ми падна чудно. Зашто и во големите градови има стари и сиромашни маала со трошни куќарчиња…
(Од „Време на реформи“: „Раскази од минатиот век“, ТРИ 2022)
____________________________
Виолета Танчева-Златева е поетеса, раскажувач, есеист, лектор. Родена е на 25 април 1968 г., во с. Бориево, Струмица.
Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Југословенска книжевност. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2000 година, како и на Здружението на лекторите на Македонија. Била член на редакциите на Списанието за книжевност и култура АКТ и на книжевното гласило на ДПМ – „Стожер“. Ги објавила прозните книги: „Книга за сонот“ (куса проза, 1991), „Враќања“ (роман, 1993), „Враќајќи се во Бориево“ (раскази, 1999), „Шарени писма“ (епистоларен роман за деца, 2008), „Раскази од минатиот век“ (2022). Автор е на книгите поезија: „Мојот Пикасо“ (2007), „Заробеници на молкот“ (2010), „Огнена“ (2011), „Нашата приказна“ (2013), „Година без лето“ (2015), „Патот“ (2018), „На работ на светот“ и „Капе времето“ (2021), „Глуво време“ (2023).
Освоила четири награди на анонимниот конкурс за краток расказ на „Андриќеви денови на културата“ во Травник во 80-тите години; прва награда за проза на анонимниот конкурс на Независни изданија „Ѓурѓа“ во 1991 г.; наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за 2015 г. за стихозбирката „Година без лето“; награда „Ацо Шопов“ на ДПМ во 2018 г. за книгата „Патот“. Нејзиниот поетски ракопис „Глуво време“ во 2022 година е награден со „Антев златник“ на Меѓународната културно-поетска манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.
Извор: Strumica Online