Денеска во салата на Советот во Дом на АРМ се одржа панел дискусија на тема „Политичко учество на лицата со попреченост“ во организација на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество ИНКЛУЗИВА, а со поддршка на општина Струмица. Целта е да се подигне свеста на локалните политички партии и претставници на Советите на општините, дека лицата со попреченост имаат еднакви права и можности за политичко учество. Од името на градоначалникот Костадин Костадинов и Советот на општина Струмица, учесниците на панел дискусијата ги поздрави Танкица Митрева, која во своето обраќање, меѓу другото потенцираше:
-Политичката партија на која и припаѓам, на последните парламентарни избори излезе со листа за изборната единица број 4, на која беше застапено и лице со попреченост од Струмица, односно лице кое се движи со помош на инвалидска количка. Малку недостасуваше тоа лице да стане пратеник во највисокиот законодавен дом во државата. Но ако се симнеме на локално ниво, тогаш мора да се признае дека не постои лице со попреченост кое директно учествува во практицирањето на локалните политики, не само од партијата на власт, туку и од опозицијата. На пример, такво лице во Советот на општина Струмица нема. Но што значи тоа? Ако, поради ова, лицата со попреченост се оневозможени на директен начин, преку институционално одлучување, да бидат дел од локалните политики, тоа не значи дека индиректно не се вклучени во креирањето на тие политики, особено кога се работи за остварување на нивните потреби, барања и интереси.
Во поглед на таквата алтернативна политичка инклузивност, а во поглед на достигнувањата во унапредувањето на секојдневието на лицата со попреченост, одговорно тврдам дека општина Струмица, не само што е пионер на тој план, туку претставува вистински лидер, но и урнек за сите други македонски општини. Сето тоа го постигнавме преку разни форми на дејствување и соработка со лицата со попреченост. Преку директни средби, разни форуми на заедницата, граѓански форуми, собири на граѓани, средби со здруженија за помош и поддршка на лица со попреченост и слично, се реализираат бројни проекти и активности кои се од суштинско значење за лицата со телесен инвалидитет, глуви и наглуви лица, лица со аутизам, лица со даунов синдром и други, рече Митрева.