• Sat. Nov 23rd, 2024

Во маката да бидеме трпеливи, а во молитвата постојани, Воскреснатиот спасител е лекарот на душите и телата, порачува МПЦ-ОА во Велигденското послание во услови на пандемија на Ковид-19.

Поради епидемиолошкиот ризик од поголеми собири на граѓани во време на пандемија, и по воведените мерки за ограничување на движењето, годинава за првапат ќе нема присуство на верници во храмовите за време на најголемиот христијански празник, Велигден. Македонската православна црква – Охридска Ариепископија (МПЦ-ОА) уште пред десетина дена соопшти дека нема да го прекине литургискиот богослужбен живот затоа што тоа е идентитет и суштина на нејзиното постоење, но ќе се прилагоди на новонастанатите услови, почитувајќи ги донесените мерки за заштита. Владините мерки за време на велигденските празници предвидуваат 85 часовен карантин – од петок во 16 часот до вторник во 5 часот наутро, што значи дека во тој период православните верници не ќе можат да присуствуваат во храмовите, а богослужбите ќе ги следат преку тв-преноси. Утеха за ваквата состојба стигна преку Велигденското послание објавено синоќа од поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан и Светиот архиерејски синод (САС). Во него се вели дека поминуваме низ период кој од нас бара послушност, воздржување и придржување до мерките од надлежните институции.

„На нашите верници им советуваме да истраат и да не се вознемируваат затоа што не можат да присуствуваат бројно на светите богослужби во храмовите, и им препорачуваме да се молат во своите домови и срца, за Бог да нè избави од оваа опасна болест. Да се молиме и за медицинските лица, полицијата и војската, кои напорно се грижат за заболените и за редот во државата. Да се молиме за заболените да оздрават, како и за спасение на душите на оние кои не ја добија битката со болеста. Во маката да бидеме трпеливи, а во молитвата постојани. Нека овој период ни биде време за покајание и за засилена молитва. Сè е возможно за оние што веруваат, зашто Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија. Воскреснатиот Спасител е лекарот на душите и телата“, се вели во посланието.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *