Грција ја продолжи забраната за влез на странски државјани до 22 март.
Таа не се однесува на граѓаните на Европската унија и на земјите од Шенген зоната, на нивните сопружници или лица со кои се во законска заедница, како и за нивните малолетни деца, на медицинскиот персонал, истражувачите и здравствените работници, доколку тие покажат работна дозвола или друг соодветен документ со кој се докажува нивната професија при влез во земјата, под услов тоа да е за професионални цели, како и на лица кои имаат подолг престој во земја-членка на ЕУ или во земја од Шенген зоната.
Исклучок се и членови на државни делегации, персонал на дипломатски и конзуларни претставништва и делегации, персонал на меѓународни и европски институции, членови на хуманитарни организации за време на активности, воен персонал и припадници на безбедносните сили или на грчкиот Генерален секретаријат за цивилна заштита .
Во земјата можат да влезат патниците во транзит, студентите кои студираат во Грција, вработените во областа на транспортот, вклучително и поморскиот и речниот превоз, луѓето кои се задолжени за нега на стари лица и лица со посебни потреби, како и сезонските земјоделски работници.
Одлуката за затворање на границите со Северна Македонија и Албанија беше донесена пред една година, на 15 март лани.