На осум деца и на четворица возрасни им е потребна хоспитализација по несреќата која се случи вечерва во која автобус со срски регистерски таблички се преврте во Бугарија на автопатот Тракија, соопшти бугарското Министерството за здравство.
Автобусот откако се превртел, паднал во ендек.
Брза помош од подружниците на Центарот за итна медицинска помош во Сливен и Стара Загора веднаш реагирале на сигналот добиен нешто по 20:00 часот.
Нема загинати во сообраќајната несреќа.
Сите патници се државјани на Србија. Несреќата се случила на 216 километри во правец на Софија, кај Стара Загора. Децата биле учесници на фестивал во Несебар.
Во автобусот во моментот на несреќата се наоѓале 38 деца и 10 возрасни лица од Србија.
Според бугарскиот министер за внатрешни работи, причина за несреќата била грешката на српскиот возач, кој бил деконцентриран и изгубил контрола над автобусот. Нема надворешни пречки, ниту на патот, ниту во сообраќајната сигнализација, рече тој.