На 29 мај во хотел „Александар Палас“ во Скопје се одржа манифестацијата за доделување на награди и признанија од националниот конкурс за „Иновативно претпријатие на годината 2019“, кој имаше за цел да ги промовира и награди македонските претпријатија кои успешно лансирале иновација во своето работење, информираат организаторите.
Во конкуренција на 31 компанија кои зедоа учество на конкурсот, беа одбрани најиновативните компании од три категории кои добија признание за успешност и парична награда од 200.000 денари, средства обезбедени од град Скопје.
Во категоријата најиновативна стартап компанија, наградата ја понесе Омега Рисрч со иновацијата „Иднината на козметиката“, 100 % органска, јадлива и вкусна козметика. Оваа година производите на Омега почнаа да се продаваат и во Словенија и Хрватска каде компанијата се вклучи во еколошката акција – за свет без пластика.
Компанијата Аспект со иновацијата „Дигитален онлајн финансиски сервис“ го доби признанието за најиновативна мала компанија. Иновативното решение на компанијата е имплементирано на пазарот во Мадагаскар и е нова и единствена услуга од овој тип во поголем дел од Африканскиот регион.
Во категоријата најиновативна средна компанија, наградата ја доби „Вори“ од Гевгелија, компанија со повеќе од 25 години искуство и добитник на бројни награди и признанија, за иновацијата „Готови здрави оброци во мали стакленки“.
Наградите ги врачија претставници од ПСМ Фондација и Град Скопје. Конкурсот „Иновативно претпријатие на годината“ е дел од проектот „Јакнење на капацитетите на малите и средни претпријатија преку подобрена поддршка за иновации“, финансиран од Европската унија а имплементиран од ПСМ Фондација во соработка со МИР.