Градоначалникот на општина Гевгелија, по повод успешните остварувања на Меѓународниот натпревар за млади изведувачи на популарна музика и танц „Виножито над Клептуза“ во Велинград, Бугарија, оствари средба со минатогодишните учеснички на Музичкиот фестивал „Европорта-Фест“- Гевгелија, под менторство на музичкиот педагог Маја Зафирова.
На средбата, стана збор за постигнатите успеси и враќањето од бугарскиот Меѓународен фестивал со 4 награди, како и за понатамошните планови на Здружението „Внимание“ – Гевгелија во врска со промоцијата на гевгелиски музички таленти на меѓународно ниво. Имајќи предвид дека низ годините Здружението активно работи и се залага за младите вокали, како од општината, така и од регионот, со поддршка од Општина Гевгелија.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, им упати честитки на учесничките и нивниот ментор, посакувајќи им уште поголеми достигнувања, како лични, така и од интерес на општина Гевгелија, успешно презентирајќи ја на светската сцена. Тој истакна дека ваквите успеси на сите здруженијата и ентузијасти во Гевгелија, локалната самоуправа и понатаму ќе ги поддржува преку Програмата за активностите од областа на културата.