Владите на Македонија и на Грција во Атина ќе го потпишат договорот за развој на интерконекцијата за пренос на природен гас помеѓу двете земји. Тоа е една од причините поради која премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши од денеска ја започнуваат дводневната работна посета на Атина.
Заев од утре ќе учествува на панел дискусијата во рамките на конференцијата на „Економист“ – 25 Тркалезна маса со Владата на Грција на тема: „Од социјално дистанцирање до социјална солидарност“ а дискусијата ќе биде на тема подобрување на соработката и солидарноста во Југоисточна Европа, регионалната соработка, проширувањето на ЕУ, како и зголемување на трговијата и инвестиции во време на превирања.
Заев ќе присуствува на свеченоста на која ќе се обрати премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, а во рамки на официјалната посета, според владината агенда, предвидени се повеќе средби со стопанственици и дипломати, со фокус на економијата и енергетиката.