Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 106-та седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на јавноста и медиумите.
За одлуките на вчерашната владина седница, портпаролите информираа дека Владата утврди како стратешки два инвестициски проекти.
Станува збор за проектот на друштвото „ЕФТ Солар“ за сончева електрична централа „Ерџелија“ и проектот на друштвото „Ветерен парк – Вирови“ за ветерна електрана „Вирови“ кои ги исполнуваат условите од Законот за стратешки инвестиции и со овие одлуки тие се квалификуваат за вадење банкарска гаранција, која им е неопходна за целосно затворање на постапката за стратешки инвестиции утврдена со Законот.
Портпаролите соопштија дека Владата го утврди и текстот на Предлог-законот за државна гаранција за обврските по Договорот за заем за финансирање на проектот на АД „ЕСМ“ за транзиција кон соларни фотоволтаици, кој ќе се склучи со Европската банка за обнова и развој.
Проектот, со вкупна проценета вредност изнесува 25 милиони евра ќе има позитивен ефект врз животната средина, бидејќи со пуштање во употреба на фотонапонските електрани „Осломеј 2“, со моќност од 10 MW и „Битола“, со моќност од 20 MW, ќе се намали производството на електрична енергија од термоцентралите, со што, нема да има штетно влијание врз животната средина.
Тие истакнаа дека оваа инвестиција ќе придонесе за нови вработувања, што позитивно ќе влијае врз социјалниот аспект во овие два региони, каде што е планирана изградбата на двете фотонапонски електрани.