За претстојниот продолжен викенд за празниците Рамазан Бајрам и Свети Кирил и Методиј, Комисијата за заразни болести предлага полицискиот час да трае од сабота во 19 часот до вторник во 5 часот. Министерот Венко Филипче кажа дека ваквиот предлог е доставен до Владата, бидејќи изминатиот период не се почитувале мерките да нема собири и групирања, па затоа имаме нови случаи на заразени со КОВИД-19.
„Сите случаи кои ги имаме на позитивни пациенти изминативе неколку дена се должат на настани или семејни собири. Поради непочитување на мерките имаме нови случаи и само една ваква ригорозна мерка сметаме дека ќе има вистински ефект“, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање при увидот на градежните работи за улиците и новиот паркинг во Клиничкиот центар.