Полицискиот час од утре се укинува, угостителските објекти останува да работат само на отворено, а се дозволува и одржување на настани, свадби, прослави и веселби на отворен простор.
Владата на денешната седница ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести и ги донесе следните одлуки:
– Почнувајќи од 16 јуни 2021 година (среда), престанува да важи забраната и посебниот режим на движење на лица и возила од јавен превоз на територијата на Република Северна Македонија.
– Исто така од утре, 16 јуни, се укинува ограничувањето на работното време на сите угостителски објекти и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензинските станици, казината и обложувалниците и други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, а за време на работно време се дозволува работа само на отворените делови – тераси од угостителскиот објект, освен служење пијалаци во внатрешноста на казината и автомат клубовите.
– Владата донесе заклучок да се дозволи одржување на настани на отворено со 50% од капацитетот на просторот каде што ќе се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1000 посетители.
– Согласно препораката на Комисијата за заразни болести од утре е дозволено организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси со максимум 50% исполнетост на капацитетот на отворениот дел, наместо максималните 100 гости како што беше до сега.
– Владата донесе заклучок да престане да важи обврската угостителскиот објект во кој има прослава да ја регистрира и пријави прославата во угостителската комора која води регистар на свадби, прослави и останати веселби.
Соодветно на овие заклучоци и одлуки, Владата препорача да се измени и дополни Протоколот за организирање на свадби/прослави и веселби.
извор: makfax