Владата ги усвои плановите за отворање на училиштата од септември
На вчерашната, 83-та седница на Владата беа усвоени плановите за отворање на основните и средните училишта за настава со физичко присуство во учебната 2021/2022 година.
„Оваа одлука на Владата го зема предвид укажувањето на МОН дека училиштето е од суштинско значење за образованието и благосостојбата на децата и учениците и дека одлуката за повторно отворање на училиштата се направи по претходна општа проценка на ризиците, при што се земаа предвид епидемиолошките фактори, степенот на вакцинација на наставниот кадар, образовниот систем, здравствениот систем и капацитетот на јавното здравство, ангажманот на заедницата и државниот капацитет за одржување на социјална и економска поддршка на најранливите“, соопштија од Владата.
Плановите ги изготви Министерството за образование и наука, а со нив се објаснуваат чекорите кои треба да ги преземат основните и средните училишта за да ги обезбедат потребните мерки за заштита и со тоа да го намалат ризикот од ширење на корона вирусот, кои се сообразени со Протоколите за постапување на основните и на средните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2021/2022 година.