ЕУ оцени дека монетарната политика којашто се води е соодветна, а банкарскиот сектор е стабилен
Во рамките на овогодишниот дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и Турција, во центарот на вниманието беа предизвиците коишто ги донесоа пандемијата и руската инвазија врз Украина, како два последователни надворешни шока. Притоа беа оценети и мерките преземени досега од страна на носителите на политиките за справување со кризите и за зголемување на отпорноста на економиите.
Монетарната политика на Народната банка е соодветна и придонесува за одржување на севкупната стабилност. Банкарскиот сектор и натаму е стабилен и здрав, обезбедувајќи кредитна поддршка во текот на закрепнувањето на економијата од пандемичниот шок. Истовремено, тој е клучниот столб на севкупната финансиска стабилност. Еден од главните предизвици за централната банка е растот на инфлацијата, којшто главно е резултат на глобални фактори на страната на понудата. Сепак, во последниот период се видливи и одредени преносни ефекти. Во вакви околности е потребна будност и внимателно следење на цените и на инфлациските очекувања и доколку е потребно, натамошно затегнување на монетарната политика за да се одржи ценовната стабилност на среден рок.