• Sat. Nov 23rd, 2024

Високите температури опасни за мачките, неколку совети како да ги заштитите

ByЃ. K.

Jul 13, 2023

Големите горештини може да го загрозат не само здравјето туку и животот на домашните миленичиња. За среќа, постојат повеќе начини на кои можеме да се погрижиме нашите крзнени пријатели да им биде пријатно дури и во најтоплите денови од годината.

Еве неколку совети за оние кои чуваат мачки со цел да се осигураат дека нивното милениче е среќно и здраво.

Без разлика дали вашата мачка е домашна или поголемиот дел од денот го поминува надвор, овие совети ќе помогнат летото да биде поподносливо.

Мачките треба да бидат во сенка, односно во ладна соба доколку престојуваат дома. Тие треба да имаат постојан пристап до свежа вода.

За време на екстремно топли денови, секој внатрешен простор брзо се загрева, вклучително и станот. Ако мачката нема излез од таков загреан стан, може да претрпи топлотен удар. Затоа е важно да го затемните станот, да ги спуштите ролетните и да ги оставите прозорците отворени во постудените делови од денот или ноќта.

Мачките кои се без влакна или имаат многу светло влакно и кожа можат да изгорат на сонце, па затоа не треба да бидат директно изложени на сончевите зраци.

Мачките кои имаат крзно треба редовно да се четкаат за да се отстрани вишокот крзно кое дополнително ги грее.

Треба постојано да се налева свежа вода во нивните чинии. Бидејќи тие се пребирливи животни, треба да најдете начин да ги поттикнете да пијат што повеќе вода. Најдобро е да се открие кој сад ѝ е омилен на мачката. Овие миленичиња сакаат храната и водата да бидат ставени подалеку од кутиите со песок, но сакаат и садовите за вода да бидат одвоени од садовите за храна, па затоа можеби тоа е причината што пијат помалку вода.

Садот со вода мора да биде доволно голем, така што мустаќите да не ги допираат рабовите. Ако мачката излезе надвор, треба да има чинии со вода и внатре и надвор од куќата. Некои мачки сакаат дождовница, па може да се собира надвор во контејнер. За мачките кои сакаат проточна вода, повремено треба да им пуштите вода од славината за да се освежат.

Ако мачката сака мало разладување со ладни облоги, ова може да биде дел од нејзините летни ритуали. Во никој случај не истурајте вода врз неа. Повеќето мачки не сакаат вода и тоа им предизвикува стрес. Ако е слаба или задишана, мјаука, повраќа или има дијареа, треба веднаш да се однесе на ветеринар. Ваквите промени може да бидат знак за топлотен или сончев удар.

By Ѓ. K.