• Mon. Nov 25th, 2024

(Видео) Прием на нови 125 професионални војници во АРМ

Од денеска, Армијата на Република Северна Македонија во своите редови има нови 125 професионални војници, прва од двете планирани класи за оваа година по приемот на 375 професионални војници минатата, 2018 година.

На свеченоста во велешката касарна „Алексо Демниевски – Бауман“, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, истакна дека со приемот на овие 125 професионални војници, се подмладува армискиот состав, а се создаваат и идни армиски генерации коишто ќе ја претставуваат нашата земја како дел од најмоќниот воено-политички сојуз на денешницата, стратешка цел која нашата држава ќе ја достигне по цели три декади.

„Изминатите две години, од една страна го сработивме членството во НАТО, но од друга страна не ја заборавивме нашата армија и затоа успеавме да обезбедиме поголеми буџети, успеавме да обезбедиме зголемување на платите две години по ред и успеавме да примиме нови припадници на армијата и минатата и оваа година“, рече министерката Шекеринска.

Во однос на идните чекори, министерката посочи дека фокусот е ставен на подобрување на законските решенија, за кои, рече дека наскоро ќе влезат во собраниска процедура, како и фазата на приоритетните проекти за модернизација.

„По 16 години армијата доби нови инженериски машини коишто ни се многу важни, како за армиските потреби, така и за потребите на граѓаните. Во вториот дел од 2019 година, фокусот ни е ставен на набавка на борбени возила и набавка на заштитна опрема за сите војници“, истакна министерката. Заклучи дека Владата и Министерството покажаа дека не треба да се избира помеѓу членството во НАТО или постоењето на силна армија и дека изминатите две години беше вложено и во двете цели, и дека резултатите се евидентни и по двете важни прашања.

На новопримените професионални војници министерката им порача дека армиската средина е една од најдобрите средини за континуирано растење и развивање, за учење и постојна обука.

„Ова е средина во која вратите кон усовршување и дома и кај нашите партнери и сојузници во странство се навистина широко отворени. Во текот и на обуката и првите денови како професионални војници ќе видите дека дел од вашите колеги се на обука во САД, или Велика Британија, дел од старешините се на високи школи во Турција, Италија, Бугарија, Германија, дел се на вежби во Црна Гора, Германија, Словенија, Хрватска, а некои се дел од нашите мисии во Авганистан, Босна и Херцеговина и Либан. Ние ќе направиме сè што е во наша моќ, отворените врати кон светот да бидат уште поотворени“, истакна министерката.

На свеченоста, освен министерката Шекеринска, на новопримените професионални војници, договорите за работа им ги врачија и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, заменик-министерот Беким Максути, директорот на Генералштабот, генералот Зоран Миле Милевски, и командантот на Здружената оперативна команда, генералот Павле Арсоски.

извор:makfax

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *