Претседателот и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски и претседателот на Република Словенија, Борут Пахор денеска во Охрид го посетија Кампот за обука на вода на Армијата на Република Северна Македонија.
Претседателите Пендаровски и Пахор, заедно со началникот на генералштабот на армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски се запознаа со дел од обуката која ја изведуваат припадниците на баталјонот за специјални сили, како и со можностите и начинот на работа коишто ги нудат овие капацитети на Армијата во состав на Командата за обука и доктрини.
Припадниците од Баталјонот за специјални сили пред претседателите Пендаровски и Пахор, преку методско-показни вежби прикажаа постапки кои се применуваат за ситуација на заложничка криза на пловен објект. Во вежбата беа вклучени и хеликоптери од воздухопловниот ВИНГ на Армијата при што се демонстрираше висок степен на обученост и извежбаност за извршување на сложени задачи на вода согласно НАТО стандардите кои се применуваат во вакви ситуации.