Бугарија ја поддржува преговарачката рамка за пристапување на Албанија во Европската Унија, но не и на Северна Македонија, изјави бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, пренесе „Бгнес“.
„Бугарија во оваа фаза не може да ja поддржи преговарачката рамка со РС Македонија и одржувањето на првата меѓувладина конференција. Предлогот не ги одразува бугарските барања и не може да биде поддржан во сегашната форма“, истакна Захариева.
Таа рече дека Албанија ги исполнила повеќето од условите поставени во март.
Захариева за време на видеоконференцијата со министрите за надворешни работи на ЕУ му се заблагодари на Берлин за помошта при преговорите со Скопје.
Бугарија инсистира да се постават три услови во рамката на преговорите: 1. придржување кон формулата за јазикот од 1999 година и потврдена со договорот за пријателство и добрососедство; 2. патоказ за спроведување на договорот од 2017 година; 3. многу јасен текст, во кој изречно ќе се нагласи дека Македонија нема претензии за македонското малцинство во Бугарија.
„Овие услови сè уште не се вклучени во нацрт-рамката за преговори“, нагласи Захариева.
Таа додаде дека Бугарија е секогаш отворена за разговори и изнаоѓање решенија, но кога се водат преговори, рече Захариева, потребни се компромиси од двете страни.
извор: Макфакс