Фудбалската репрезентација на Македонија вечер од 20 часот и 45 минути на стадинот Младост во Струмица го пречекува Лихтенштајн во последниот натпревар од квалификацискиот циклус за Светското првенство во Русија. Селекторот Игор Ангеловски најави победа за завршување на овој квалификациски циклус по ремито со Италија во Торино
-Очекувам фудбалерите да имаат пристап и да влезат во натпреварот како и на изминатите натпревари од квалификациите. Секогаш велам дека не е важно кој е на спротивната страна, туку како ќе го одиграме натпреварот. Не потценуваме, но ниту преценуваме било кого. Барам да бидеме рамноправен тим против секого, без разлика на противникот во оваа група. Пред нас е меч со противник кого го победивме на нивен терен и не бегаме од фаворитската улога. Ќе барам од моите фудбалери максимално да настапат за да го добиеме овој натпревар, изјави Ангеловски.
Максимално залагање независно за која селекција станува збор најави и фудбалерот Стефан Ристовски кој посакува нов позитивен резултат
-Подготвени сме да покажеме дека сме фаворити. Не треба да ги потцениме, тие играат за својата држава, исто како и нас. Подготвени сме да го покажеме својот квалитет и да покажеме дека бодовите покажуваат едно, а играта друго. Сакаме да победиме и да покажеме дека ни следи светла фудбалска иднина, изјави Ристовски.
Независно од епилогот од вечерашниот дуел Макеоднија и Лихтенштајн остануваат на последните две позиции . Од Г-групата учество на СП обезбеди Шпанија, Италија како второпласирана ќе игра бараж.