Вечерва во 20.00 часот во центарот за култура Антон Панов ќе се одржи концерт на пијанистката Даница Стојанова.
Даница Стојанова е реномирана македонска пијанистка со долгогодишна кариера на домашната и на меѓународната сцена. Во текот на своето школување соработува и престојува на интернационални и светски академии за музика на кои работи со врвни пијанистички
имиња. Вработена е во Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“ и со своите ученици постигнува високи резултати на натпреварите што се организираат во државата и во странство.
Покрај ова, Даница Стојанова е позната и како голем поддржувач на македонските млади уметници, помагајќи им со стручно водство, организирање на нивни концерти, како давање препораки за учество на пијано мастер-класи на домашни и на меѓународни натпревари. На престижни меѓународни натпревари по пијано и камерна музика, проф. Даница Стојанова се јавува како член на жири-комисии. Од нејзината педагошка дејност се издвојуваат мастер-класите за пијано што ги држи во Македонија, во Малезија и на Косово, како и стручните предавања одржани на повеќе меѓународни фестивали, како што се: „Шопен-фестивалот“ во Белград, фестивалот ЕПТА во Скопје, „Шопен-фестивалот“ во Куала Лумпур, интернационалната балканска конференција во Скопје и др. Проф. Даница Стојанова има настапувано како солист со Македонската филхармонија и со Видинската филхармонија од Бугарија. Покрај во нашата земја, таа како солист настапувала и во следниве поблиски и подалечни странски држави: Бугарија, Украина, Турција, Малезија, Германија, Холандија, Франција, Италија, Косово, Србија, Италија, САД, Чешка.
За нејзината работа таа е добитник на наградите Најдобар уметнички пијано-соработник на 22. меѓународен натпревар „Музиката и луѓето“ одржан во Софија, 2004 г.; награда за едногодишна успешна работа во областа на музичката педагогија
доделена од музичките и балетските педагози на Македонија (2007 г.); награда за одлични педгошки достигнување во 2009 г. во Бугарија; награда за повеќегодишна успешна работа во областа на музичката педагогија во Македонија (2011 г.); награда за едногодишна успешна
работа од областа на уметноста „Петнаесетте Свети Тивериополски Маченици“ што ја доделува Општина Струмица (2016 г.).
Нита Груби е млада пијанистка која средното музичко образование го завршила на отсек пијано во класата на професор м-р Даница Стојанова во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“. Своите понатамошни студии ги продолжила на ФМУ – Скопје во класа на професор д-р Марија Ѓошевска. Во моментов е на втор циклус студии по пијано кај професор д-р Марија Ѓошевска. Работи како наставник по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“.
Сара Кесковска е млада пијанистка која матурирала во класата на професор м-р Даница Стојанова во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“. Студиите на оддел пијано ги завршила на ФМУ Скопје во класа на професор д-р Кристина Светиева. В класата е и магистрант во моментов. Сара работи како наставник по пијано во приватното музичко училиште „Пијано Форте“.