• Wed. Nov 27th, 2024

Велигденска честитка на бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов

ByВане Трајков

Apr 20, 2019

Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов по повод празникот Христово воскресение – Велигден, што утре (21 април) го слават граѓаните со католичка вероисповед, упати велигденска честитка.

– Христијанскиот начин празнување на поедини настани од историјата на спасението не се само споменување на нешто што било, туку е доживување на нешто што постојано трае. Исус Христос во одредено историско време беше мачен и распнат, убиен и погребен во Ерусалим. Неговото материјално битие излезе од законот на нашата физика и во преобразеното тело и денес е присутен. Разбирливо дека поединостите на таквото тело нам не ни се познати, но тоа, што со очите на верата го гледаме и со душата веруваме не прави денес среќни, бидејќи е врв, а и извор на нашата вера: Христос е жив, воскреснат, прославен и сега е меѓу нас.

Како католичка заедница невообичаено сме збогатени со овој Велигден не само со празнувањето на таинството на верата, туку со фактот дека токму во тоа Воскресно време ни доаѓа во пасторална посета поглаварот на нашата Црква, папа Фрањо. Веруваме дека Тој ќе ни го навести Христовиот мир, ќе не охрабри и ќе ни ја зајакне нашата надеж да не се пребројуваме според бројот, туку да настојуваме својот живот да го направиме богат во даровите кои само Бог може да ни ги дарува. Во многу сфери на нашата цивилизација и култура полагаме испит на опстанок и затоа се молиме прославениот и воскреснат Бог, преку оваа Апостолска посета, да нѐ обнови во духот, зајакне во мирот и зацврсти во заедништвото со сите луѓе со добра волја што на ова земја и на сите граѓани во неа им посакуваат напредок, соживот, успех, а пред сѐ мир.

Нека доаѓањето на Папата, на секој верник и секој човек во нашата Татковина ги зајакне чекорите за мир, сигурност во животот и надеж за подобро утре. Со тие мисли се среќаваме во славата на Воскресението и нашиот Господ Исус Христос, што не прави способни да можеме искрено да порачаме: „Не бој се, стадо мало!” – Небесниот Отец ви го предаде Царството на животот. Христос воскресе!, се вели во велигденската честитка на бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *