• Sat. Nov 23rd, 2024

Ваучерите за туризам ќе можат да се користат и преку туристичките агенции

Министерството за економија овозможи сите лиценцирани туристички агенции кои сакаат да работат со ваучери за туризам,  да можат дополнително да се регистрираат на платформата “Дома си е дома“ заклучно со 10.08.2020 година.

На тој начин граѓаните кои добиле ваучери за туризам освен во сместувачките капацитети да можат да ги искористат ваучерите и преку туристичките агенции кои ќе се регистрираат на платформата.

Согласно Уредбата со законска сила за издавање на ваучери за туризам на вработени лица со низок доход заради поттикнување на домашниот туризам за време на вонредна состојба, Министерството за економија ги повикува сите лиценцирани туристички агенции кои сакаат да работат со ваучери за туризам, во рамките на нивните понуди за Република Македонија да вклучат и можност за резервација со ваучери за туризам издадени од страна на Министерството за економија преку платформата domasiedoma.gov.mk.

За таа цел туристичките агенции ќе треба да се регистрираат на платформата domasiedoma.gov.mk (линк за пријавување https://domasiedoma.gov.mk/register-form/) со цел добивање на пристап во платформата заклучно со 10.08.2020 година.

За да исполнуваат услови за добивање на пристап во платформата туристичките агенции треба да имаат валидна лиценца за работа издадена од страна на Министерството за економија и истата да ја прикачат на самата платформа.

Агенциите кои претходно се имаат пријавено на платформата „Дома си е дома“, а ги исполнуваат условите (имаат валидна лиценца) автоматски ќе бидат одобрени од страна на Министерството за економија.

Туристичките агенции во рамките на понудите можат да понудат сместување, а и да вклучат и дополнителни услуги како што се: превоз до туристичките центри, екскурзии, водичи, прошетки и сл.

При реализација на ваучерот преку туристичка агенција, агенциите треба да имаат склучени договори со објектите за сместување (категоризирани).

Туристичката агенција треба да води евиденција за секој корисник на ваучер и тоа име и презиме на носителот на ваучерот, термин кога се користи ваучерите и назив на објектот во кој ваучерот ќе се користи.

Доколку туристичката агенција нуди аранжмани, во договорот за аранжман треба да стои име и презиме на носителот на ваучерот, термин и времето кога истиот ќе се користи и во кој објект.

Туристичките агенции до Министерство за економија ќе достават фактура за плаќање на искористени ваучери за туризам со прилог (листа со кодовите од ваучерот за туризам и име и презиме на носителот на ваучерот, име на објектот каде лицето престојувало и договори со угостителските објекти и објектите за сместување каде се искористени ваучерите).

Со оваа можност освен на туристичките агенции, Министерството за економија излегува во пресрет на граѓаните кои имаат ваучери за туризам за да може да го искористат за повеќе услуги преку туристички агенции како што е превоз до туристичките места.

За 20 дена откако стартуваше мерката ваучери за домашен туризам до денеска искористени се над 8.400 ваучери.

Ваучерите граѓаните ќе може да ги искористат до 15 декември 2020 година.

Ваучер за туризам се издава на вработени лица со низок доход заради плаќање на искористена туристичка и угостителска услуга на сместување или услуга на сместување и исхрана во категоризирани угостителски објекти за сместување и преку даватели на туристички услуги, регистрирани вршители на туристичка дејност.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *