Општина Валандово одлучи годинава да не одвои средства за украсување на градот по повод новогодишните празници. Наместо китење, средствата е планирано да се пренаменат за уредување на нови простории за потребите на Дневниот центар за деца со попреченост од општината. Оваа одлука ја соопшти градоначалникот Перо Костадинов.
-Во овие тешки времиња за целото човештво, во план ни беше барем малку да го разбиеме сивилото и да го украсиме градот пред празниците. Постапката веќе беше започната, но голем дел од граѓаните јавно го изразија својот став дека не е време за украсување и славење, додека луѓе се борат со вирусот, а секојдневно расте бројот и на оние кои ја изгубија битката со вирусот. Јас секогаш го слушам гласот на народот, затоа и овие постапки беа стопирани, а планираме средствата во висина од околу 500.000 денари да бидат пренаменети таму каде сега се навистина многу потребни – за „Фокус” вели градоначалникот Костадинов.
Додава дека во Дневниот центар кој го посетуваат деца со попреченост ќе бидат уредени нови простории, бидејќи тоа му е потребно на градот, и секако на овие деца кои не смеат да бидат занемарени никогаш, а посебно во ек на пандемијата.-Во нашата општина има околу 50 активни случаи на вирусот, едно лице ја изгуби битката со болеста. Мораме да бидеме солидарни и сплотени, кога поголемиот дел од народот смета дека не е време за украсување и празнична еуфорија, разбирливо е дека ќе сториме се што е во наша можност и ќе го слушнеме гласот на граѓаните – изјави Костадинов.