• Sat. Nov 23rd, 2024

Валандово избран за град на културата за 2022, понудила квалитетна програма но и свои средства

ByВане Трајков

Feb 24, 2022

Општина Валандово оваа година ќе биде организатор на манифестацијата „Град на културата“, одлучи комисијата по распишаниот Конкурс на Министерството за култура. На Конкурсот беа пријавени општините Валандово и Велес.

По разгледувањето на двете пристигнати пријави, во согласност со приоритетите, критериумите и мерилата содржани во Конкурсот, стручната комисија составена од вработени во Министерството за култура оцени дека Општина Валандово понуди богата програма и издржан програмски концепт, со содржини од различни жанрови и естетика, од традиционалното и од современото творештво, со учество на релевантни домашни и странски уметници.

Во програмата се содржани 69 проекти од сите дејности, кои подразбираат достапност на културата за сите во Општината и учество на многу млади домашни уметници и автори.

Општина Валандово ќе ги стави во функција инфраструктурните и човечките капацитети и ќе овозможи богата културна содржина во текот на целата година, како и меѓународна поврзаност и соработка во културата.

Од особено значење е што од вкупниот предвиден буџет за реализација на програмата (12.674.000,00 денари), од Министерството за култура се побарани 2.440.000,00 денари, што претставува 19,25 проценти од вкупниот буџет. Со тоа, Општина Валандово ќе ги покрие преостанатите 80,75 проценти финансиски средства, што во споредба со другата поднесена пријава, локалната самоуправа на Валандово ќе го издвои најголемиот дел од средствата за финансирање на реализацијата на програмата.

Имајќи го предвид ова, како и фактот што Општина Велес веќе двапати била финансирана во рамките на манифестацијата, и тоа во 2005 и во 2015 година, комисијата предложи да биде прифатена Пријавата доставена од Општина Валандово.

Манифестацијата „Град на културата“, иницирана од Министерството за култура, а прифатена и поддржана од општините во државава, започна да се реализира во 2004 година и оттогаш, континуирано, општините учествуваат во културниот натпревар на идеи преточен со презентација на многубројни јавни настани.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *