Протестен марш на новинарите денеска почна пред Владата, во организација на Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
– Сметаме дека вака веќе не може. Законите, важни за медиумите не се спроведуваат, јавните функционери имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите. Државниот ПР ја зема работата на новинарите, на фотографите, на снимателите. Владата создаде најголема редакција во земјата. Државните институции и нивните директори имаат проблем да сфатат дека не е во ред кога со денови чекате одговор, а добиавте ПР памфлет за објава. Локалните и регионални медиуми работат на раб на издржување. Безбедноста на новинарите не е на ниво на коешто треба да биде – рече Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, пред Владата.
Тој наброја повеќе случаи, каде новинари, сниматели и фотографи се тепани, омаловажувани и се изложени за закани од секакви профили на луѓе.