На веб-страницата на системот за алармирање за небезбедни производи (НЕПРО) објавено е дека електричните бојлери со емајлирани котли од брендот ТАЛАС, чија земја на потекло е Бугарија, се повлечени од пазарот во Србија поради опасност од струен удар, јави дописникот на МИА од Белград.
Станува збор за моделите E5044 и E5035 со зафатнина од 50 литри, со грејач од 1,5W, нето тежина од 17,7 килограми, кои се произведени оваа година.
Производител на повлечените бојлери е бугарската компанија TESY Shumen.
Како опис на ризикот на веб-страницата на НЕПРО, се наведува дека несовршеноста на конструкцијата во однос на основната изолација на овие електрични бојлери може да доведе до струен удар доколку не се исполнат барањата наведени во упатството за инсталација.
Поради ова стопирана е продажбата на спорните бојлери.
Во соработка со производителот, а по испораката на оригиналните исправни жици, спорниот дел ќе биде заменет од овластен сервис или производот ќе биде заменет со нов.
Увозник на бојлерите е „Елит Инокс“ доо Чачак, а дистрибутери „Реноме“ Белград, „Експерт“ Лесковац, „Водотехнс“ Чачак и „Еуроимпекс“ Ниш. об/рп/ .
Извор: МИА