• Thu. Nov 21st, 2024

Битиќи: Економијата не може да чека на долгорочни решенија за работната сила, потребни се работници веднаш

ByВане Трајков

Mar 30, 2023

Увозот на работна сила не може да биде долгорочно решение во ниту една земја, но економијата не може да чека со години на долгорочни решенија, туку и е потребна работна сила веднаш, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Во одговор на новинарско прашање по обраќањето на регионалната конференција на тема: „Како да се обезбеди поголема соработка помеѓу економиите од Западен Балкан – предизвици и можности“, што ја организира Стопанската комора на Северна Македонија, рече дека работодавачите доколку можат би понудиле повисока плата за да ги привлечат невработените да ги прифатат работните места што се нудат на пазарот на труд.

-Во последните три години платите се повисоки од тие што биле претходно, но во Агенцијата за вработување денеска има 9.628 слободни работни места. Пред само една недела слободни беа 7.500 работни места, рече Битиќи. Нагласи дека во Агенцијата за вработување се регистрирани 115.000 невработени.