47 бегалци од транзитниот центар Табановце утрово се вратени со реадмисија во Грција. Од граничната полиција на преминот Богородица информираат дека поради блокираниот граничен премин, луѓето утрово околу 9 часот и 30 минути пеш ја поминале македонско-грчката граница, при што се прифатени од тамошната полиција.
Во Грција треба да ги регистрираат по што ќе бидат пренесени во бегалски камп во Солун.
Од невладината организација Легис, која што е вклучена во целиот процес од почетокот на бегалската криза, велат дека луѓето знаеле дека ќе ги вратат во Грција, но не знаеле кога. Меѓу нив имало бегалци кои сакале да продолжат на север, а една жена денеска добила и германска виза, но сеедно биле транспортирани до границата.
Станува збор за бегалци кои речиси една година престојуваат во прифатниот центар Табановце, откако лани во март се затвори балканската бегалска рута. Во Табановце останале само неколкумина кои што изминатите денови се фатени во нелегален транзит.
Министерството за надворешни работи го потврди случајот, но повеќе информации најавија за наредните денови.