21 годишниот напаѓач Папа Оумар Сисе од Сенегал кој во редовите на Брера Струмица дојде летово, нема да настапува за тимот во продолжението на првенството. Управата на клубот и Сисе се договорија и одлучија спогодбено да го раскинат договорот за неговиот ангажман.
Сисе во АП Брера клуб дојде во јули, месец дена пред стартот на првенството од италијанскиот клуб Авецано. Во есенскиот дел од првенството за сениорскиот состав имаше 14 настапи при што беше асистент на гол во дуелот со Струга ТЉ.
Од Брера паралелно ја информираа јавноста дека истече Договорот со фудбалерот Христијан Малески кој беше на позајмица во клубот. Тој се враќа повторно во Струга Трим Љум, од каде летово дојде во Струмица. 21 годишниот Малески во дресот на Брера доби шанса на 10 првенствени меча при што постигна гол во мечот со Тиквеш од Кавадарци.
Од тимот упатија благодарност до Малески и Сисе кои беа дел од составот и им посакаа многу успех во понатамошната кариера.