Во фестивалската сала во „Јанко Узунов“ во Валандово се одржа 37 издание на фестивалот на новосоздадена македонска народна песна Фолк Фест Валандово 2024.
Се натпреваруваа 20 композиции, творени во духот на македонската фолк музика.
За победник на фестивалот е избрана композицијата „Темјана“ изведена од Ангела Влинтовска, второтопласирана е композицијата „Љубовта е оган“ на Софија Пуровска и Никола Зацески, а за трето место беше избрана композицијата „Го чекам аберот“ на Габриела Новевска.
„Вечерта помина со убави мелодии и многу емоции. Со силен аплауз, му се заблагодаривме на Костадин Костадиновски, како еден од творците на Фолк Фест – Валандово и долгогодишен уметнички директор на фестивалот“, напиша градоначалникот Перо Костадинов.
Награда за животно дело беше доделена на Кирил Тодевски, за сѐ што има создадено на македонската музичка сцена, фестивалот и вредноста што ја има оставено до сега.
Ревијалниот дел, беше исполнет со хитови, како музички омаж на нашата Благица Калева.
Фолк Фест – Валандово е симбол на локалната заедница. Фестивалот има културолошко значење и е дел од македонската идентитетска посебност.