Просечниот Македонец на банките им должи 1.229 евра. За една година се задолжил за дополнителни 110 евра.
Најновите податоци на Народната Банка покажуваат дека вкупните кредити одобрени на домаќинствата во март годинава изнесувале 2 милијарди 551 милиони и 479 илјади евра.
Во истиот месец лани кредитите изнесувале 2 милијарди 323 милиони и 674 илјади евра.
Најголем дел од кредитите се денарски, 1 милијарда и 444 милиони евра. Останатите се со девизна клаузула.
„Во март 2019 година, вкупните кредити на домаќинствата остварија месечно и годишно зголемување од 1.0% и 9.7%, соодветно. Анализирано по валута, нагорните месечни и годишни промени во најголем дел произлегуваат од денарските кредити“ наведува Комитетот за монетарна политика на Народната Банка.
Раст на месечно ниво има и кај депозитите, но тој е помал во однос на кредитите.
„Стапката на годишен раст на депозитите на домаќинствата изнесува 8.7%, пред сè како резултат на порастот кај депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута“, се наведува Народната Банка.
Вкупните депозити на домаќинствата заклучно со март годинава достигнале 4 милијарди 125 милиони 983 илјади евра. Ако ова се подели на вкупниот број на жители кој според Државниот завод за статистика изнесува 2.075.301 произлегува дека во просек секој Македонец во банките има депонирано 1.988 евра.
Народната Банка неколку пати ја намали основната камата, но банките побавно ги спуштаа каматите на кредитите што ги одобруваат.
Секторот продолжува да има фантастични профити. Целиот сектор лани имал вкупна добивка по оданочување од 135.8 милиони евра. Ова добивка е за дури над 27% повисока од остварената во 2017-та кога банките прикажаа позитивен финансиски резултат од 106.5 милиони евра.